Охрид, охриѓани и туризмот

mitkoБалканскиот  Ерусалим или Охрид е главниот туристички центар во земјава. Од тука почнало да се шири христијанството. Тука е најстариот универзитет во Европа, тука се и најстарите цркви на Балканот, тука викаат треба да дојде секој кој сака да си ја прочисти душата, да ја види охридската убавина, да ужива во мирот и да биде поблиску до Бог. Охрид континуирано го има во светските медимуми. Беше на ББЦ, го имаше на Национал Географик, го имаше на Трип Адвисор како една од најпосакуваните дестинации, па дури и го имаше на популарниот пребарувач на Микрософт- Бинг. Е сега и покрај сите овие почести што му се придаваат на градот ние стварно не знаеме да си го чуваме нашето. Градот кој може сите 12 месеци да живее од бенефитите што приридата му ги дала живее само 3 преку сила 4 месеци. Не знаеме како да се однесуваме со туристите, не знаеме да како да направиме туристите пак да се вратат назад. Со еден збор не знаеме како да си го зацементираме местото во светската туристичка карта.

Секоја година истите проблеми. Нелегални туристички водичи, лажење и влечкање на туристите се едни од горчливите проблеми со кој се соочува Охрид. Друг горчлив проблем е и панаѓурскиот декор расфрлан низ централното подрачје вклучувајки го и кејот. Од една страна сакаме елитен туризам со странски и домашни гости, а од друга страна се дозволува селјачизмот да го навладее културното. Сликата е толку лоша што и охридската самоуправа призна дека постои проблем. Хотелите се луксуз во Охрид. Погледнете ги цените на сместувачките капацитети и ќе ви стане јасно. Едно ноќевање чини 20 евра што не само што е скапо и за нас туку скапо е и за странските туристи. Хаосот во плажите и кафулињата е приказна сама за себе. Бучавата и галамата што се прави посебно во стариот дел на Охрид секоја година преставува сериозен проблем. Минатата година дојде и до инцидент помеѓу мештаните и газда на кафуле поради гласната музика. Плажите се можеби и најклучната алка на проблемот. До сега не ни паметам некоја плажа да биде драстично изменета. Изменета е само една работа. Поставени се чадори и лежалки и за нив треба да се плати 150 денари ако сакате да уживате, додека пак пијачката е дополнителен трошок. Паркинг место нема, а и да има цената на истиот е паушален и расте од година во година. Искрено да ви кажам не знам ни на кој основ некој добива концесија за плажа. Ама по се изгледа тоа им е целта на концесионерите максимална заработувачка со минимален влог. Превозот е исто така на на едно катастрофално ниво. Таксисите наплаќаат произволно со цена што е 2-3 пати поскапа од вообичаената. Како капак на се е турбо градењето што е постојан декор во Охрид. Е тоа не можам да разберам. Секоја сезона исто па исто. Од УНЕСКО континурано добиваме опомени дека ако продолжи со вакво темпо може да се изгуби статусот: град на културата но очигледно некој се грижи за својот профит отколку за општо добро.

Конечно мора да се освестиме да ставиме прст на чело и да се запрашаме што навистина не чини. Конечно мора да почнеме да ги исправаме работите. Во големите туристички места келнерите и сите што се во угосителската фела одат на најразлични семинари, тренинзи и обуки за тоа како да се однесуваат со туристи. Како да бидат насмеани, да бидат љубезни да кажат повелете и притоа да ја прифатат секоја критика без намера да наштетат. Едноставно не може цените да бидат во постојан раст. Сите во регионот навреме реагираа и ги спуштија цените. Кај нас се случи обратно. За разлика од пред неколку години се отиде нагоре. Ако сместувањето беше 250-300 денари сега тоа е дупло. Се зголемени сите услуги, јадењето па дури и паркинг просторот рипна до максимални граници. Едноставно не може охриѓани да ја продаваат езерската убавина како море. Тука битката е однапред изгубена. Без разлика и да сакаме да бидеме патриотски настроени и да си ја сакаме оваа земја не можеме да го игнорираме фактот дека цените во Грција и цените во Охрид се на исто ниво. Промена мора да има.

Владата пред некој месец направи на серија кампањи со мотото : “Ти си лицето на твојата земја, од туризмот сите добиваме”. Во тие спотови видовме како еден шарматен водител не води низ приказната и како на еден поинаков начин и од поинаква перспектива ни ги прикажува работите. Аналогно на тоа порталот Охрид Нуз направил анкета во која 64 %’ се изјасниле дека тоа е негативно, додека останатите 36 % се изјасниле дека тоа е позитивно. Таму ништо не е измислено. Иако делува понижувачки и шокантно сепак на многу реален начин ја отсликува суровата вистина. Епа сега за тие што не им се допаднало треба да сватат дека тоа е всушност вистината на однесувањето спрема гостите и туристите. Ако не им се допаѓа тоа што го виделе треба да се потрудат да го сменат тоа.  Сепак на крај се зависи од нас.

Светла точка има. Странските туристи се заинтересирани за нашиот бисер. Владата прави напори за привлекување на домашни и странски гости. ДДВ-то се намали од 18 на 5 % се отворија нови чартер летови за Холандија,а имало и заинтересираност од Белгија и Финска. Се зголемија субвенциите за туризам и ова се прави се во името на туризмот и промоција на Македонија во светски рамки. На нас ни останува само една работа. Да се направат напори да се подобри целата оваа ситуација. Да не се обвинуваат меѓусебе оние кои треба да го средат проблемот и што поскоро да се фатат за работа и да најдат заеднички решенија. Верувам дека во догледно време ќе се средат сите овие работи. Знам дека за се потребно време. Ако светот се променува тогаш и ние треба да се промениме со него. Ако не тогаш Македонија не го заслужува Охрид. Муабетот за успешноста на Охрид и туризмот не треба да заврши. Ќе заврши тогаш кога туристите ке кажат: Доста е !. Затоа еден апел до сите оние кои имаат влијание и моќ да го ги исправат работите: “Немојте да дозволите да заврши муабетот зошто тогаш ќе биде прекасно”.

 

Митко Сланинковски

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.