Инциденти во струшко, победата во Струга се славеше со пукање

Објавено на 08 April 2013 во 13:15

Две лица се полесно повредени во инцидент што се случи синоќа во близина на спортскиот полигон кај струшкото село Враништа, а само половина час по овој инцидент полицијата спречи судир меѓу две групи во близина на крстосницата за селото Ложани.

f9976c19-c0cf-4b1b-84e1-7048d912cbfe

Според синоќешните првични информации на охридските медиуми, повредените лица, едниот од Враништа, другиот од Лабуништа, синоќа околу 23 часот се враќале од прославата на изборната победа на ДПА во Струга кон Лабуништа.

Во близина на спортскиот полигон кај Враништа на регионалниот пат ги пресретнале четири лица со нивните автомобили. Почнале да се расправаат и да се тепаат со железни предмети. Двајцата повредени се здобиле со полесни повреди.

Половина час после овој инцидент повеќе жители на село Враништа го блокирале регионалниот пат Струга-Дебар во близина на  крстосницата за селото Ложани, а запрен бил и сообраќајот.

По кратко време, на околу 50-тина метри од крстосницата се собрала друга група,  жители на селата Велешта, Октиси и Лабуништа. Двете групи почнале меѓусебно да си дофрлаат и да се навредуваат, но полицијата спречила судир меѓу двете групи.

Симпатизерите на ДПА, синоќа, еуфорично славеа низ струшките улици и на плоштадот во центарот на градот, каде грмеше од пукотници од најразлично огнено оружје, јавува Охридњус.

Ја славеа победата на нивниот кандидат, Зијади Села кој ќе биде новиот градоначалник на Струга.

Според државната изборна комисија, кандидатот на ВМРО ДПМНЕ и СДСM освоил 15.276 гласа, односно 42,15 отсто од гласовите, додека кандидатот на ДПА 20.770 гласа или 57, 3 отсто од гласовите

Од изборниот штаб на заедничкиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Владо Кочоски најавија дека ќе поднесат повеќе приговори до ДИК на изборниот процес во Струга, поради низа воочени неправилности.

Извор: Макфакс

Close
Поддржете го hajdpark.mk и дружете не на некоја од социјалните мрежи: