10 Препораки како општествено одговорните бизниси ефикасно да ги користат социјалните медиуми

tosheНајпрвин еден краток осврт на тоа што се општествено одговорни компании/бизниси?

Општествено одговорни компании се оние компании кои не само што внимаваат што прават со својот профит туку и на кој начин го остваруваат. Општествената одговорност оди подалеку од филантропијата и ги вклучува и се однесува и на економските, социјалните и околинските импакти на една компанија, како и односот во сите клучни сфери на влијание: на работно место, на пазарот, во ланецот на снабдување, во заедницата, и во сферата на јавните политики.

Во Република Македонија високи развиените компании, банки и невладини организации имаат свои програми за општествена одговорност. Она што треба да се напомене е дека ваквите програми треба да бидат стратешки разработени за да имаат поголем ефект во заедницата и ваквата инвестиција во заедницата да биде оддржлива.

Општествена одговорност на социјалните медиуми

Компаниите користејќи ги стратешки социјалните медиуми градат еден проактивен однос како кон купувачите/клиентите така и кон заедницата по различни линии. Присуството онлајн им гради мрежа на поддржувачи на кои покрај понудата на продукти и услуги ќе можат да им ја раскажат и приказната за компанијата и најважно од се вредностите за кои се застапуваат како општествено одговорна компанија и нејзините цели. Социјалните медиуми денес играат главна улога во оформувањето на имиџот на општествено одговорните компании, промоцијата на нивните општествено одговорни програми и политики. Сето ова низ речникот на општествено одговорните организации и социјалните медиуми некои го нарекуваат “corporate social media responsibility” (CSMR).

Развојот на технологијата го промени севкупниот начин на комуникација и пренесување на информациите глобално, едни од најбрзите и најмоќни начини на пренесување на информацијата и двонасочна комуникација се социјалните медиуми. Поминаа времињата на контролирана комуникација и контролирано информирање преку традиционалните медиуми, со соопштение за јавноста или прес конференција. Резултатот денес – секој знае се! Денес компаниите потребно е да развиваат стратегија и тимови за автентично и пристојно претставување во онлајн комуникацијата и на социјалните медиуми, застапувајќи ги и комуницирајќи ги нејзините основни вредности.

Денес социјалните медиуми отвораат нови можности за општествено одговорните компании. Никогаш не било полесно да ја раширите вашата порака и вредностите за кои вашата компанија се залага на толку голема и таргетирана публика како што тоа го дозволуваат и овозможуваат социјалните медиуми. Обединувајќи ја публиката на Фејсбук или Твитер околу општествено одговорна цел вие имате моќна и лојална мрежа на влијателни корисници на социјалните медиуми кои во исто време ќе бидат и медиуми сами по себе, кои вирално ќе ја пренесуваат и ќе се застапуваат за вашата општествена цел. Внатрешниот ефект во компанијата е исто така силен, создавате морален капитал како во заедницата и кај стејкхолдерите, така и кај вработените правејќи ги мотивирани и горди на нивната компанија.

Со цел ефикасно користење на социјалните медиуми од општествено одговорните компании ги предлагаме следните препораки:

  • Споделувајте и информирајте, не продавајте! – Комуницирањето на општествената одговорност на вашата компанија е начин на кој го градите имиџот и довербата кон вашата компанија. Целта ви е да бидете едукатор не продавач. Што сте научили во процесот на општествена одговорност и стекнатото искуство, а може да им биде од корист и на другите (граѓани, компании, државни институции, НВО’a итн.)?
  • Слушајте! – И социјалните медиуми и општествената одговорност се базираат на дијалог, а не монолог. Ќе научите нешто слушајќи.
  • Имајте стратегија – Кои се вашите цели и план, што сакате да постигнете?
  • Почнете најпрвин внатре во вашата компанија – Брејнстормирајте со вашата најверна публика, вработените во вашата компанија. Бидете сигурни дека ја сфатиле вашата визија за општествена одговорност пред да ја претставите на јавноста.
  • Бидете искрени и чесни – Да бидете транспарентни денес е многу тешка заложба, но ќе ви даде видлива и цврста вредност, граѓаните ќе изградат доверба спрема вашата компанија, а со самото тоа и емотивна врска.
  • Пофалете се со успехот! – Бидете горди на постигнатиот успех и не штедете зборови и лажна скромност да се пофалите.
  • Вклучете и вклучете се! – Општествената одговорност на вашата компанија е програма полна со горливи проблеми за решавање од голема важност за заедницата и граѓаните, јасно искажете ги вашите добри намери и вие ќе бидете секогаш инспираторот за социјални идеи и промени. Ќе се вклучувате во иницијативи но и ќе вклучувате во иницијативи граѓани, организации итн.
  • Вмрежете се! – Иако звучи логично но искористете ги социјалните медиуми да се вмрежите со слични на вас и вашата визија илицел дефинирана со програмата за општествена одговорност на вашата компанија. Вмрежете се и со вашите вработени или членови, тоа е каналот за свежи идеи и иновации.
  • Crowdsource – Социјалните медиуми претставуваат одлична платформа за црпење на идеи. Искористете ја вашата публика да помогнете во решавањето на некој општествен, социјален или проблем на заедницата.
  • Прашајте – Општествено одговорните компании се некомпетативна и лесно пристапна заедница секогаш спремна да помогне. Со користењето на хаштагови на Твитер, Фејсбук и Инстаграм лесно можете да се мобилизирате, да добиете информации или да се вмрежите.

 

Тоше Зафиров

 

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме).

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.